Wednesday, September 4, 2013

Истражувачка сторија

Автор: Валентин Петрески - "Висока школа за новинарство и за односи со јавноста"

Белата метална порта со решетки е единствениот елемент што го разбива нападното сивило во стационарот Вардариште. Го посетив лично, како граѓанин, сакав да се уверам под какви услови таму ги чуваат кучињата. Пристигнав околу 12 часот бидејќи стационарот за граѓаните е отворен 4 часа, од 10-14 часот. 

Вратата ми ја отвори чуварот откако неговиот претпоставен му рече да го направи тоа. Поради тоа што сакав да посвојам куче, очекував топол прием и задоволни кучиња. Но, таму наидов на тишина. Мирисот на влага и измет беше посилен од визуелното сивило. Како низ ехо се слушаа повремени крици од кафезите. 


  Аудио: Посета на "Вардариште"

Во нив имаше само една чинија со вода. Остатоци од храна или дополнителна празна чинија во моментот немаше никаде.

Беше сончев ден, но кучињата тоа не можеа да го видат. Таму сите беа под сенка. Кучињата спиеја директно на цементиран под кој во моментот беше влажен.  

Симона Негриеска: ААПЖ
Истражувајќи разговарав со активисти за правата на животните. Симона Негриеска која е дел од “Асоцијацијата на активисти за правата наживотните” вели дека вработените во стационарот кафезите ги чистат додека кучињата се внатре и таму не се дезинфицира”.

- Се случува мртво куче да си стои во кафез со другите останати а тоа е болест за сите, додаде Симона Негриеска.

Симона Негриеска и Венера Петкоска од истата асоцијација се обидоа накратко да го објаснат начинот одржување на хигиена во Вардариште. Според нив тоа е целосно нехумано и гнасно. Згрозени од третманот на кучиња, Симона и Венера го изнесоа своите мислења за истото. Нивното искажување може да се слушне на видеото. 


Изјава: Активисти за права на животните

Прекршување на правилникот за работа на стационарот

Минималниот временски период потребен за исцрпување на можноста за вдомување на заловените кучиња е 30 деновиови од денот на престојот на кучињата во просторот за држење.” Вака вели правилникот, но  во Вардариште  овој рок не се почитува. Од ЈП Комунална хигиена ни рекоа дека кучињата се чуваат до 10 дена. Тоа значи дека тоa е периодот кога може да се вдомат. Потоа се пуштаат или еутанизирааат. 


                                                         Изјава: ЈП Комунална хигиена

Со тоа оваа институција го прекршува законот па се поставува прашањето кој ќе ја преземе одговорноста за кршење на законот?

Недоволните средства можеби се и причина за помалиот број на вработени во стационарот. А тие што веќе се не се грижат целосно за кучињата. Според правилникот за работа, кој е донесен две години по  почетокот на работа на стационарот,  лицата кои се грижат за животните треба да ги проверуваат животните најмалку два пати дневно со цел да ја проверат општата состојба на животните, односно дали животните јадат, пијат, дефецираат, дали се апатични, агресивни и слично, а по потреба или доколку општата состојба на животните е нарушена да го известат докторот по ветеринарна  медицина.” 

Фотографии објавени во август - 3013 година
Во моментот кога го посетив стационарот ова правило не се испочитувало бидејќи малите кучиња за прв пат беа забележани дека имаат крлежи откако побарав да ги видам лично а претходно не биле соодветно истретирани од вработените лица. 

Истиот вработен се обиде да го избегне одговорот на моето прашање каде е мајката на тие мали кучиња, па со двоумење добив образложение дека мајката сигурно е вдомена. Се поставува прашањето кој би вдомил кучка која има мали кучиња и зошто таа е подарена во време кога нејзините потомци сеуште се мали за да ги напушти!?

Бокс во кој се чуваат кучиња
Освен што кучињата не се под постојан надзор и проверка за општата нивна состојба, за нив нема истакнато никакви податоци. Според Правилникот на Вардариштена боксовите каде се држат животните треба да биде истакната листа на податоци  за секое куче поединечно. На листата треба да се наведени: приемен број на кучето; датум на прием; датумот на лабораториско испитување и кои болести; здравствениот статус; датум на извршената кастрација ; назив на препаратите и датум и време на дадена терапија”. 

Извадок од  Службен весник на РМ, бр. 141 од 25.10.2010 година 
Во боксовите таква истакната евиденција, освен број на заловено куче нема.

Фотографија направена од здруженијата за заштита на животните
Секое куче треба да има на располагање посебен сад со храна и вода”. За време на мојата посета на стационарот, во кафезите и со 4-5 кучиња имаше само еден стар сад со вода.

Дополнителен сад за храна во моментот немаше. Освен тоа во просториите на животните  треба да им се обезбеди простор за спиење кој може да биде организиран во вид на индивидуална куќарка или издигнато место за спиење кои треба да се изградени и да се одржуваат на начин со кој на кучето ќе му се обезбеди суво и удобно лежиште. 

Дел од кафезите при мојата посета беа со воден под а ниту еден немаше посебна внатрешна куќарка или издигнат дел, кучињата спиеја на циментираниот под. Сето ова покажува дека кучињата се чуваат во услови кои не се во целосна согласност на правилникот.

Според законот за заштита и благосостојба на животните, кучињата скитници  треба да бидат заловени, стерилизирани и излечени и вратени на истото место. На терен се заловуваат кучиња и со маркица за кои здруженијата за заштита на животните обвинуваат дека  незаконски се убиваат. 

Радмила Пешева од Анима мунди, згрозена вели дека во Вардариште е како во мистичен филм, единствено се враќаат кучињата кои ќе ги побараат граѓаните. Досега имале многу реакции и од граѓаните од Скопје како пријава за заловување кучиња со маркица.
Реакција на граѓанин на социјалната мрежа Фејсбук
Ваквите реакции ги пренесуваат медиумите. Се огласуваат и граѓаните. Ова е еден од повеќето вакви случаи. Информативниот сајт  novatv.mk објави ВИДЕО и ја пренесе веста како шинтер одзел куче од неговиот сопственик. 

Фотографирано за време на заловување на кучиња со маркица 
Од "Комунална хигиена" признаваат дека се случило да заловат куче со маркица, но се правдаат дека тоа било со причина, односно јавување дека одредено куче станало агресивно. 

Иако правилникот  вели дека кучињата треба да се вратат во истиот реон на заловување, сепак дел од нив се враќаат на друго место. Тоа може да предизвикува нивно агресивно однесување кон останатите кучиња во тој дел од градот но и локалното население


Стресното заловување е причина за агресивност кај кучињата

Во европските земји постојат посебни тестови за одредување агресивност на кучето, но кај нас нема таков обучен ветеринарен персонал, така што нема сигурен начин на одредување агресивност туку лична проценка на ветеринарот.

 Ветеринар: Дамјан Павловски
Ветеринарот Дамјан Павловски  појаснува дека ретко кое куче од градските скитници може да биде агресивно, но ако тоа е веќе така треба да има јасна причина.

- Причина за тоа може да биде голем стрес при заловување бидејќи се влечат со јамки а не се успиваат со стрели.  Исто така агресивност може да предизвика и кастрацијата ако не е извршена во соодветни услови и е направена во полужива состојба на кучето. Сето тоа предизвикува стрес. Стравот е уште еден предизвикувач на такво однесување. Исто така и наглото изолирање од луѓето не треба да се исклучи како можна причина, објаснува Павловски.

Радмила Пешева вели дека активистите за права на животните се недобредојдени во Вардариште. За жал, како што вели, имала и многу лошо лично искуство - била нападната од страна на една од вработените во стационарот. Ситуацијата се обиде да ја пренесе како што била, следува во видеото.


                                               Изјава: Радмила Пешева - "Анима Мунди"

Отсуство на соработка меѓу Град Скопје и НВО

Проблемот со стационарот и непочитување на правилникот за работа треба да го реши Градот Скопје. Но истражувањето сугерира дека тој не сака да соработува со невладините организации кои имаат конкретни барања и реакции за помош и решение со проблемот. Само од Анимал Мундидо Град Скопје досега се испратени 10-тина предлози за помош и соработка, но не добиле никаков одговор. НВО-та и Скопје имаат спротиставени гледишта за решавање на проблемот.

Извадок од јавното барање на Анима Мунди до Градоначалникот на град Скопје - Коце Трајановски
Стационарот Вардариште започна со работа во 2007 година како проект на Светската асоцијација за заштита на животни и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија. 

Вардариште е проект на ЈП Комунална Хигиена, а градот Скопје е одговорен за бездомните кучиња.

Од здруженијата за заштита на животните кај нас велат дека Градот нема слух за нивните предлози.

Во Србија на пример, сопственикот на прифатилиштетото должен е да соработува со организациите за заштита на животните.

- Ние побаравме од градоначалникот Коце Трајановски да го преземеме Вардариште. Тој рече дека е под притисок кога луѓето звонат дека се нападнати од кучиња скитници и слично. Затоа ние побаравме сето тоа да ни го префрли на нас, со истите услови и средства па на нас нека паѓаат повиците. Но градоначалникот само се насмеа, не одби и ни рече кои сме ние да им вршиме мониторинг. Сето тоа е навистина чудно, вели Венера Петкоска од Асоцијацијата на активисти за права на животните.

Странски искуства за грижа на скитниците

Сликата во Вардариште беше многу поразлична од онаа прикажана во документарната серија "For the Love od Dogs". Во филмот се зборува за најстариот и најпознат британски дом за кучиња и мачки во Лондон, познат како Battersea Dogs & Cats Home. Финансирани се од волонтерски донации и имаат годишен прилив од околу 12 милиони фунти. 


Првичниот ваков дом - "Temporary Home for Lost and Starving Dogs" се отвори уште во 1860 година од Марли Телби. Кучињата кои нема да се вдомат остануваат згрижени до крајот на животот. Само во 2011 година овој дом има згрижено 5941 куче и 2963 мачки. Во секој момент во овој привремен дом за животните има по околу 450 кучиња и 150 мачки кои чекаат да бидат згрижени.

Симона Негриеска и Наташа Петкоска од ААСЖ го посетиле стационарот во Банско, Бугарија. Велат дека иако се работи за место каде има само 8000 постојани жители, атмосферата и условите ги воодушевиле.

- Кучињата таму се радуваа кога го видоа ветеринарот. Имаат посебни простории за операции, кујна, перална, лекување со светло и греење. Кај нас кучињата ги заловуваат со јамки, таму со стрелки за спивање, објасна Симона Негриеска.


Градот Скопје не одобрува средства за прифатилиште за кучињата

Уличните кучиња во просек живеат 3-5 години. Докажано е дека од една здрава единка за 7 години има 66 илјади потомци. Масовното заловување не е решение на проблемот.

Неопходна е стерилизација а не убивање на кучињата, велат од Анимал мунди.

Во моментов се бара донесување на закон за оданочување на сите миленици кои нема да бидат кастрирани. Така ќе се спречи масовното фрлање на кучињата по улиците.  Од Комунална хигиена велат дека би сакале да се направи прифатилиште за кучињата и така проблемот ќе се надмине.

Во буџетот на Град Скопје за 2013 година не се предвидени дополнителни финансиски средства за проширување на стационарот. Засега ќе функционира по овој принцип кој нема посакуван и целосен ефект. 

Со проширувањето на Вардариште во прифатилиште  би се намалила и штетата на ЈП Комунална хигиена која им ја исплаќа на граѓаните каснати од куче а според нив тоа не е нивна вина.

Досега за 2 тужби имаме исплатено 397 457 денари по основ каснување од куче. Има и неколку тужби во процедура. Затоа и сметаме дека подобро е да има прифатилиште отколку да има такви немили ситуации, велат од ЈП Комунална хигиена.

Градот Скопје за оваа намена од буџетот издвојува  меѓу 8 и 10 милиони денари на годишно ниво. Од ЈП Комунална хигиена не ни ја доставија информацијата за годишниот буџет на Вардариште со образложение дека не располагаат со податоци и информации за годишниот буџет.
Одговор од Записникот на ЈП Комунална Хигиена на барањето за доставување на фотокопија од годишниот буџет за работа на "Вардариште"
Од сето ова се поставува прашањето дали недоволните средства за стационарот се и причина зошто во него поголемиот дел од вработените немаат соодветно образование а од друга страна не се потполнети целосно предвидените работни места? Тоа се констатира од записникот кој го добивме по закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.

И возачите се грижат за негата на кучињата во Вардариште

Но парите не се единствениот проблем. За да утврдиме дали персоналот којшто работи во стационарот е соодветен за тој тип работа побаравме да ни ја откријат  образовната структура и искуството на вработените. Одговор не добивме. Го употребивме законското право за слободен пристап до информации од јавен карактер. Одговорот којшто го добивме не беше задоволителен оти ги добивме само општите услови за вработување на секоја работна позиција - нешто што може да се добие при секое аплицирање за работа. Од анализата на тоа, се забележа дека од предвидените работни места за функционирање на стационарот, 11 не се пополнети.

Станува збор за три слободни места за техничари за третман на животни, 7 работници за третман на животни и 1 возач-уловувач. Логично е да се заклучи дека луѓето кои недостасуваат се една  од причините за слабото функционирање на стационарот? Ако на 20-тина кучиња треба да има минимум по еден вработен, како што стои во правилникот, со пополнување на овие работни места ќе може истовремено да се третираат околу 200 кучиња повеќе. 

За кучињата се грижат и возачите во Вардариште. Освен управувањето и грижата за возилата, нивна обврска според договорот за работа е да ги хранат милениците и да се грижат за нивната нега. Од сето ова произлегува дека за кучињата скитници се грижат сите вработени, а само тројца од нив имаат минимум две годишно искуство на работа со животни, додека останатите немаат стручни познавања од оваа област и немаат соодветно образование за грижа и нега на животни. 


Извадок од Записникот на ЈП Комунална хигиена, добиен по пат на "Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер"
Според правилникот за систематизација на работните места на ЈП Комунална хигиена Скопје, кој го добивме по законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во Службата за третман на животни скитници вработени се вкупно 32 работници. За вработување на овие места, за ниту една од работните позиции не е потребно високо образование. Тоа значи дека во стационарот може и да не биде вработен ниту еден високо образуван ветеринар. Од вкупно 32 вработени, само тројца се ветеринарни техничари  а 23 лица се со или без основно образование.

Заловување на улиците во Скопје
Тројцата ветеринарни техничари задолжени се за заловување и транспорт до стационарот, прием и идентификација на животните, одредување количина на храна за примените животни, одржување на стационарот, соработка со ветеринарниот доктор и враќање на бездомните кучиња.

Од ова произлегува дека на терен се само тројца ветеринарни техничари за заловување, додека 23 работници во стационарот се грижат околу заловените и ги погребуваат еутанизираните.

Од ЈП Комунална хигиена не сакаа да откријат колку плата земаат вработените. Се поставува прашањето, зошто ако немаат целосно потполнети работни места и немаат пари за да ги пополнат во стационарот не се побара помош од волонтери кои дел од невладините организации со кои разговаравме би имале волја да ги обезбедат?

Двајца волонтери во 5 години работа на Вардариште

Вардариште нема склучено договор за развој со ниту една организација од невладиниот сектор. Скопјанката Мима Пејоска која денес живее надвор од Македонија е една од вкупно двајцата волонтери кои досега помагале во стационарот. Волонтерската дозвола ја добила по многуте притисоци и барања од здружението “Срце за животните”. Истражувајќи стигнавме до нејзиното име и фејсбук профил па ја контактиравме. Се потсети дека стационарот секогаш бил снабден со храна, но и дека, како што рече, имала впечаток дека не им давале доволно храна на кучињата. Во кафез се чувале и по 10-тина кучиња. 
Извадок од разговорот со поранешната волонтерка на Фејсбук
Мима рече ме третираа како детиште што дошло да си игра со кученцата а не како возрасен кој се обидува да помогне. Од свој џеб купувавме млеко, носевме храна од дома. За жал луѓето од стационарот тоа не го ценеа. Во цел стационар немаше ниту еден ланец за шетање па импровизиравме, се потсети Мима на времето поминато во Вардариште.

Мима вели дека се обидела да води и евиденција на кучињата но тоа било невозможно а кога ќе забележела дека недостасуваат кучиња добивала одговор дека побегнале. Нејзиното волонтерство морало да биде во терминот кој е отворен за сите граѓани. Мима смета дека тоа било со цел да имаат целосна контрола над нив.

Во Понудата за волонтерство и барањето за формирање надзорно тело од Здруженијата за заштита на животните во стационарот Вардариште, упатено до Градоначалникот на Град Скопје, стои дека со нивна волонтерска помош ќе се заштедат околу 20 илјади евра на годишно ниво. За нивниот предлог не добија одговор.

Градот Скопје вели дека тие законски се обврзани да се грижат за бездомните кучиња а стационарот Вардариште е битен сегмент во исполнувањето на оваа законска обврска и реализација на градските активности и програми во таа област. Додаваат дека здруженијата и активистите за заштита на животните кои се конкретно заинтересирани за грижа на кучињата скитници треба да изнајдат други начини и модалитети како би можеле организирано и ефикасно да ги реализираат нивните планови.

Повеќе еутанизирани отколку вдомени кучиња - иста институција, различни бројки

Се покажува дека Вардариште не успева да ги вдоми многу од заловените кучиња. За разлика од кај Македонија, во Србија на пример јавно се истакнати фотографиите и карактеристиките на кучињата кои може да се вдомат па можноста за такво нешто е многу поголема. Кај нас таква кампања нема а фотографирањето таму е забрането. Бројот на еутанизирани кучиња скитници е два пати поголем од бројот на вдомените како што покажаа годишните бројки од записникот на Вардариште. Но, дали бројот на третирани кучиња е точен? Официјалните бројки за тоа не одговараат едни со други. 

Мери Јорданоска: новинар и активист
Според документот за евиденција на кучињата скитници кој го добивме од ЈП Комунална хигиена, во 2012 година биле заловени вкупно 2441 куче. Од нив 615 биле еутанизирани а се вдомиле 250 кучиња.

Нашите добиени бројки, не се поклопуваат со бројките за истиот период  испратени до новинарката Мери Јорданоска. Во  записникот доставен до неа за истата година, стои дека биле заловени вкупно 2459 кучиња од кои еутанизирани биле 579. 
Во вториот доставен записник недостасуваат 18 заловени кучиња и 36 еутанизирани. Иста е ситуацијата и со бројката на третирани кучиња. Според записникот доставен до нас во 2012 година биле третирани 1205 кучиња, додека според записникот доставен до Јорданоска, третирани биле 1641, што е за 436 кучиња повеќе. 

Ова наметнува сомнеж дали надлежната институција ЈП Комунална хигиена, под чија надлежност е стационарот води точна евиденција? Дали овие бројки се измислени или прецизни? Со цел да се провери различноста на информациите, контактиравме со Комунална хигиена.

Прво од таму рекоа дека не е можно да се добиени различни бројки, потоа како можна причина ги наведоа кучињата кои се испитувале од лаишманиоза кои не знаеле како да ги евидентираат бидејќи во карантин останале и повеќе од 10 дена. Исто така ни кажаа дека не може да веруваме во туѓи податоци иако документот до кој стигнавме има печат и потпис. 

Се правдаа и дека секој што е против Вардариште може да измисли такво нешто. Разликата од 436 кучиња во двата записници за ист период го наметнува прашањето дали толку многу кучиња може да не се евидентираат дури и дел од нив да биле тестирани за лаишманиоза, како што ни кажаа од ЈП Комунална хигиена. Институцијата е затворена во рамките на нивната структура и поставеноста кон заинтересираните на тема стационарот Вардариште.

Предвремено еутанизирање на кучињата  во Македонија, Хрватска и Србија даваат двојна шанса за вдомување

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека законски кај нас се врши еутаназија и на здрави животни во случаите кога заловените животни не биле вдомени по истекот на минималниот рок потребен за исцрпување на можноста за вдомување на заловени кучиња во прифатилиштето (што изнесува 30 дена), со што се исцрпени можностите за негово вдомување. 

Како што увидовме според информациите од ЈП Комунална хигиена, овој рок кај нас не се почитува и едно куче може да се чува во стационарот максимум 10 дена бидејќи средствата за грижа на истите се ограничени за најмногу толкав период. Така произлегува дека поради недостаток на средства Вардариште не го почитува законскиот рок за чување на кучињата и нивно вдомување. Кој ќе ја сноси оваа одговорност?

Во Србија временскиот рок за вдомување е 30 дена. Во Хрватска пак e двојно поголем, вкупно 60 дена, што значи дека можноста за кучињата да се вдомат е двојно поголема отколку да се убијат.

Претседателот на Анимал Мунди, Столе Велковски вели дека Законот за заштита и благосостојба на животните кај нас е премногу општ, а сепак е единствен кој гарантира некаква безбедност на животните.  

Агенцијата за храна и ветеринарство наскоро ќе почне со реализација на активностите за електронска идентификација и регистрација на сите кучиња во Република Македонија. Предвидено е и бездомните кучиња кои ќе бидат вратени во реонот каде се заловени да бидат идентификувани со микрочип, со што ќе се овозможи воспоставување на систем за следливост на популацијата бездомни кучињa.

Решавањето на проблемот со кучињата скитници е неопходен за Градот Скопје, за доброто на граѓаните, но и кучињата кои нема да се убиваат поради огромниот број, туку хумано ќе се згрижат во прифатилиштето. Со тоа нема да се трошат и парични средства од буџетот на Скопје за решение кое  не дава посакуван ефект.

No comments:

Post a Comment